За Дабар

Дабар е интернационален предизвик (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи со 1во одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Истиот се организира во повеќе држави, и е еден од најпопуларните натпревари во светот. Во продолжение се дадени неколку информации поврзани со Дабар, правилата, начинот на регистрација и учество, како и државите кои земаат учество во овој настан.

Инаку, како идеја, Дабар има добиено повеќе награди на европски и светски конференции. Последната од нив е добиена на Европскиот самит за компјутерски науки, каде Дабар ја доби наградата "Informatics Europe Best Practices in Education". Со цел да ја промовираме оваа активност и во нашата држава, се надеваме на поддршка од сите основни и средни училишта во Македонија. На тој начин, заедно можеме да ги промовираме компјутерските науки кај учениците, со што ќе придонесеме за нивниот развој како и развојот на нашата држава.


Начин на учество

Натпреварот се организира во основните и средните училишта во Македонија, за време на часовите по информатика (или по некој друг предмет, доколку учениците немаат часови по информатика). Натпреварот се одвива преку компјутер, кој е поврзан на Интернет. Самиот натпревар се врши преку веб-сајтот http://talent.mk. За да земат учество во натпреварот, училиштата треба да определат еден или повеќе ментори (на пример, наставници по информатика), кои потоа ќе го спроведат натпреварот за време на часовите.

Оваа година, поради КОВИД-19, настанот ќе се организира во изменета форма - еден вид интересна активност, каде што учениците можат анонимно да решаваат задачи и веднаш (при самото решавање) да дознаат кој е точниот одговор на задачата. Нема да се доделуваат сертификати (бидејќи не постои никаква можност за контрола при внесувањето на податоци и решавањето од дома), а задачите ќе бидат од минати натпревари.

Се надеваме дека што повеќе училишта ќе бидат заинтересирани за учество на овој натпревар, бидејќи тој е одлична можност за учениците да се запознаат со основите на информатиката.


Глобален настан

Дабар е глобален настан, и на него земаат учество голем број на ученици од повеќе земји во светот. Во продолжение е дадена опширна листа на земјите кои ќе земат учество на овој натпревар оваа година.


Помош. Повеќе информации

Системот за регистрација и учество е едноставен за користење, и не очекуваме поголеми проблеми за време на спроведување на настанот. Во секој случај, доколку имате одредени проблеми, можете да ги контактирате организаторите на овој натпревар на dabar.makedonija@gmail.com.

Ние ќе се обидеме да ви одговориме на вашите прашања или сугестии во најскоро време.